Г-ин Зоран Никаљевиќ е роден во Скопје 1955 г. Своето образование го завршил во својот роден град, а во својот работен век покрај во Македонија подолг период работел и во Швајцарија, Ирак и Грција. Покрај мајчините јазици македонски и српски, одлично зборува англиски и германски, а исто така се користи и со францускиот, шпанскиот и грчкиот јазик.
Г-ин Зоран е семеен човек, грижлив сопруг и татко на две прекрасни ќерки.
Неговиот почеток во пчеларството е поврзан со другарска дружба и потреба за мир надвор од градските звуци. Почнал со повремено помагање на пријател пчелар, кој несебично му го пренесувал своето знаење па така и Г-ин Зоран ги стекнува основните знаења за пчеларството.
Набргу доаѓа до заклучок дека за успешно бавење со пчеларство мора да се познаваат и медоносните билки. За таа цел почнува да проучува книги во кои, покрај за пчеларството, имало и пообемни текстови за медоносните билки.
Како и скоро секој ученик, после одреден период одлучува да постане свој газда, при што купува пчелни семејства. Во 1983 година, на 28 годишна возраст, во околината на Марков манастир, скопско ги стационира пчелите. Во просек пчеларел со 45-50 пчелни друштва, и со „Дадан Блат“ и со „Лангстрот кошници“.
Околината била богата со билки, но климата се менувала и се почесто имало суши, па како последица на тоа и просекот на приносите постепено се намалувал. Според неговите зборови, најголема придобивка било запознавањето не само со медоносните билки туку и со лековитите билки. За само неколку години поседувал преку петстотини рецепти од народната медицина, од кои поголем број во својот состав содржеле и пчелни производи. Со знаење се стекнувал читајќи разна литература и разни веб сајтови, што му било олеснето поради одличното познавање на седум светски јазици. Денес поседува збирка со повеќе од 1500 текстови и рецепти кои како своја основа ги имаат лековитите билки и пчелните производи.
Бил гостин во многу ТВ емисии кои се занимале со темата природни лекови.
Од своето богато искуство тврди дека природното лечење е помалку агресивно, без сомневање има позитивно дејство, а многу ретко пројавува несакани ефекти. Ако не се почитува препорачаниот начин на употреба, природното лечење може да остави и штетни последици, кои за среќа често се од краткотрајна природа. За да се избегнат штетните последици од природното лечење, неминовно секој човек мора да добие доволно правилни информации, а оној кој препорачува треба најпрво да стекне темелни знаења од оваа област.
Придоното лечење не вклучува само употреба на лековити билки, туку и употреба на биоенергија, вода, сонце итн.
Здравјето мора да се одржува кога го имаме, но и при состојба на болест, мора да се активира човековиот инстинкт за преживување и да се направат позитивни промени во животот.
Г-ин Зоран од 2019 година е пензионер, во добро здравје и со ведар дух.
Сеуште пчелари, со околу триесетина кошници.
Со почит,
Зоран Никаљевиќ