Основни карактеристики на растителни влакна
Стручни лица од областа на исхраната и медицината препорачуваат во дневната исхрана да се вклучат што повеќе диетални растителни влакна. Овие влакна поттикнуваат и одржуваат правилно варење, спречуваат затвор и помагаат во превенција и во лечење на хемороиди, дивертикулоза, синдром на иритабилен колон и рак на дебело црево. Создаваат здрава цревна микрофлора која е предуслов за силен имунитет.
Диеталните влакна помагаат во одржување на баланс на шеќерот во крв и го намалуваат апетитот, бидејќи споро се разградуваат во текот на варењето, а тоа подолго дава чувство на ситост. Зголемен внес на овие влакна може да го намали ризикот од срцеви заболувања и развој на дијабетес тип 2 и да ја помогне контролата на добра телесна тежина.
Зголемен внес на грав и други мешунки го намалуваат нивото на холестерол во крвта и можат да спречат развој на болести на кардио-васкуларниот систем. Според медицински наоди, потребен внес на влакна на дневно ниво, за нормално функционирање на цревата е 25-35 гр влакна на ден.
Влакна најмногу има во Грав, но и во Леблебија, Грашок, Јаткасти плодови, Житарки, Батат, Боранија, Јаболка и во Тиква.
Видови растителни влакна
Растителните влакна се делат според растворливоста во вода, на растворливи и нерастворливи. Општо кажано, нерастворливите влакна се неопходни за превенција на пореметена функција на варење во желудник. Растворливите влакна се важни за регулирање на дијабетес, намалување на холестерол и против гојазност.
За разлика од другите јаглени хидрати, белковини и масти, кои на организмот му даваат неопходна енергија, растителните влакна имаат друга улогата.
Целулоза
Целулоза е полисахарид кој е основна состојка на ѕидот на клетките на растителното ткиво, не се растворува во вода. Ја има во интегрално и црно брашно, зелка, млад грашок, кељ, во лушпа од краставици, во пиперки, јаболка и репка.
Хемицелулоза
Хемицелулоза е компонента на полисахариди во ѕидовите на клетките и на некои семки. Делумно е растворлива, со вода создава гел. Ја има во цели зрна, брокула и корен од репка.
Целулоза и Хемицелулоза, содржани во растителни влакна, впиваат вода, набабруваат и ја зголемуваат фекалната маса, а го скратуваат и времето на задржување на храна во органите за варење.
Лигнин
Лигнин е дрвенесто влакно во билките кое служи за поврзување и потпора. Тоа е структурен елемент на периферната обвивка на семките. Не е растворлив во вода, киселини и бази. Го има во зрел зеленчук, домати, јагоди, круши и ротквици.
Лигнинот намалува сварливост на билните влакна, се врзува за жолчната киселина и на тој начин спречува апсорпција на холестерол.
Пектин
Пектин е компонента на полисахариди на ѕидовите на клетките без лигнин. Растворен во топла вода дава полисахарид. Го има во јаболка, рибизли, карфиол, зелка, компир,сув грашок, јагоди, малини и капини.
Пектинот во цревата формира гел кој ја прекрива слузокожата на цревата, врзувајќи жолчни киселини во дигестивниот тракт, така ја намалува апсорпцијата на лош холестерол.
Оваа пектинска облога на цревата спречува апсорпција на шеќери по оброк, што е особено важно во исхрана на дијабетичари.
Пектинот подобрува столица, врзува за себе тешки метали и ги исфрла од организмот.
Протопектин
Протопектин е нерастворлив комплекс пектини со целулоза, хемицелулоза и јони од метал. При термичка обработка и при созревање на овошјето и зеленчукот, тој комплекс се нарушува и се ослободува пектин (омекнување на презреани плодови).
Растителни смоли и гуми
Растителни смоли и гуми се полисахариди растворливи во вода. Билни смоли се однесуваат како и пектините, влијаат на апсорпција во желудник и во тенко црево.
Важност на растителни влакна
Доколку го дуплирате внесот на овошје, зеленчук и житарки во исхраната, ќе го намалите ризикот од рак на дебело црево за 40%. Дневен внес на 5 парчиња овошје, 5 парчиња зеленчук и 5 кришки црн леб, во случај да се исфрли месо, за 50% се намалува ризик постоечки полипи во дебело црево да станат малигни.
Влакната ја задржуваат водата со набабрување, врзуваат токсини и создаваат дразба, без која протокот на отпадни материи се успорува и може да предизвика затвор. Дразбата доаѓа од движење и внес на храна со влакна. Побрзо празнење на цревата го намалува контактот со отпадни материи.
Рафинирањето на намирниците и пакувањето во ќеси доведе до хроничен недостаток на растителни влакна во телото. Влакната не дозволуваат скок на инсулин, а ако го има нормално во крвта, спречува прекумерна тежина, особено онаа екстремна гојазност.
Ако те интересираат хербални (билни) рецепти, можеш да ги најдеш под категорија:
2022 Сите права се задржани. Политика за приватност – Услови