Бел слез или на латински Althaea officinalis чува дишни патишта, од коренот се прави чај за ублажување и лекување симптоми на воспаленија на дишните патишта. Древните терапевти го користеле за лекување на респираторни и дигестивни проблеми. Применет е во народната, но и во современата медицина и во фармацијата.

Опис

Белиот слез е повеќегодишно зељесто растение. Поради својата лековитост се одгледува ширум светот.

Цвета од јуни до август, а лековити својства имаат коренот, стеблото, листот и цветот. Може да порасне 1-2 метри, стеблото може да биде разгрането, обраснато со густи свиленкасти влакненца, а листовите се меки со сребрено-розеникава боја. Цветовите се собираат додека цвета, листовите по цветањето, а коренот на пролет или на есен по цветањето.

Коренот се мие, се лупи надворешниот слој, се сече по должина и нагло се суши на тепмература од 40 степени. Кога ќе биде сув, се сече на ситни коцки. Од целото растение, коренот е најлековитиот дел.

Корен од Бел Слез; Koren od Bel Slez
КОРЕН ОД БЕЛ СЛЕЗ

Активни компоненти во Бел Слез

Растението содржи слуз, скроб, пектин, танин, минерални соли, ензими, растителни влакна, растителни масти, етерични масла, инвертен шеќер, сахароза, скроб, јаглехидрати и фосфати.

Лековити својства

Белиот слез е извонредно средство кое помага во лекување болести на дишните органи. Бидејќи ја раствора слузта и ја обложува слузокожата, го поттикнува искашлувањето и се употребува при настинки, бронхитис, астма, воспаление на белите дробови и на грлото. Се употребува и при проблеми со мочниот меур, бубрезите, при воспаление на дебелото црево, дијареа, цревни болести и сл. Во комбинација со мед, од коренот на бел слез се прави смеса за облоги кои помагаат за акни, гнојни чиреви, изгореници, воспаление на очите, апсцеси и сл.

Белиот слез помага и при грчеви во желудникот, опстипација и при инфекции на половите органи.

Свежите здробени листови помагаат при убод од инсекти.

Белиот слез, исто така, може да го употребуваат и пушачите, за намалување на сувата кашлица.

Најчести приправоци

Чај од Бел Слез

Чај од Бел Слез; Caj od Bel Slez
ЧАЈ ОД БЕЛ СЛЕЗ

Две лажички корен од бел слез се преливаат со 2,5 дл млака или ладна вода и се остава да отстои 2 часа, за да може да се екстрахира доволно слуз. По желба, чајот може да се заслади со малку мед, а се пие три пати на ден.

Многу често белиот слез се комбинира и со други лековити растенија (нане, камилица и сл.).

Со чајот од коренот од бел слез може да се прочистува и нос, најчесто се употребува при затнат нос, со капалка се капнуваат 1-3 капки три пати на ден.

Важно –  коренот од бел слез никако не смее да се потопува во врела вода!

Сируп од Бел Слез – рецепт

Во тенџере се ставаат 2 лимона исецкани на коцки, се додаваат по две лажици жалфија, анасон, корен од бел слез, ленено семе и 200 г шеќер. Потоа, се прелива со 2 дл вода. Се вари околу 20 минути, се трга од шпорет и се остава да се олади. На деца им се дава три пати дневно по една мала лажичка од овој сируп, додека на возрасни им се дава три пати дневно по една голема лажица.

Употреба

Белиот слез е безбеден за употреба кај деца. Дури и за мали бебиња, се препорачува чај од бел слез, но со претходна консултација со педијатар. Доколку се подготвува за бебе, треба да се користи превриена, па изладена вода.


Ако те интересираат хербални (билни) рецепти, можеш да ги најдеш под категорија:


2022 Сите права се задржани. Политика за приватност – Услови